(Крал Марко – од десно – и Муса Кесенџија, 1900, слика од Владислав Тителбах)

„ПО СТАПКИТЕ НА КРАЛИ МАРКО” – ПОЧУВСТВУВАЈ ЈА ЛЕГЕНДАТА, ИСТРЧАЈ ГО МИТОТ

 

Марко Крале – јунак над јунаци! – воскликнуваат стотици македонски и балкански народни приказни, песни, преданија, митови и легенди. Бесконечно долга е низата на  јунаштва и подвизи на овој средновековен и легендарен владетел на тлото на Прилеп и Македонија. Долга и јуначка како ултра маратон!

Крале Марко е историска личност, тој е роден околу 1335 година како најстар од четирите синови на кралот Волкашин по чија смрт завладеал со голем дел од Прилепското кралство со престолнина во Прилеп – градот кој денес е препознатлив по тоа што над него гордо се извишуваат ѕидините од неговиот дворец – Марковите Кули.

Места именувани по Крале Марко и неговите јуначки подвизи ќе најдете ширум Македонија и Балканот, но секако најбројни се токму во неговата престолнина – во градот Прилеп и неговата околина. Марковите кули – (на прилепски:Марку(ј)куле) над Варош со бројните цркви на кој се ПРИЛЕПил новиот град, древниот манастир Трескавец под вишниот и блескав Златоврв се местата каде ќе ги најдете и зачекорите по Марковите стапалки (дури и во вистинска смисла).

Овој последен тукашен владетел пред целосното завладување на Отоманската империја на крајот на XIV век е опеан и овековечен во бројни умотворби во кои тој се бори и среќава со стотини вистински историски и замислени неисториски митски и легендарни личности. Во македонската народна јуначка поезија и творештво песните за Крали Марко стојат на прво место по бројност, по своите естетски вредности и по значењето, а самиот Марко Крале е најмаркантната фигура и најсаканиот јунак, подеднакво популарен и во народните песни на другите балкански и јужнословенски народи.

Неговите јуначки подвизи во песните и приказните често опфаќаат натпреварување и докажување со својата телесна сила и во натприродни размери како: прескокнување на цели планини, фрлање на камења на огромни далечини, јавање и трчање на извонредно долги речиси бескрајни растојанија и пространства…

Ваквите јуначки подвизи низ легендите за Крали Марко во спој со извонредните природни услови на околината се главниот мотив за оддржувањето на ултрамаратонот  „По стапките на Крали Марко”. Стотици години покасно, Вие имате можност да трчате по неговите стапки, да ги истражите и достигнете неговите јуначки подвизи.

Епскиот јунак Крали Марко ве повикува: Дојдете да го истрчате митот, да ја почувствувате легендата!

 

Напишано од Марио Шаревски – сестран љубител на Македонија

Share This