07.03.2026, САБОТА, 16:00 - 21:00
08.03.2026, НЕДЕЛА, 07:00 - 09:45
АМФИТЕАТАР во Варош, Прилеп
ЛОКАЦИЈА НА ГУГЛ МАПА

Маркукуле Треил 13К е најкратката, но исклучително динамична трка на Крали Марко Треилс. Со должина од околу 13 км и вкупно искачување од приближно 730 м D+, оваа патека е идеална за оние што сакаат интензивно планинско искуство во срцето на заштитеното подрачје Маркови Кули.
Локација: Амфитеатар во населба Варош (690 мнв), Прилеп – милениумско маало под тврдината Маркови Кули.
Од стартот се тргнува по угорница по калдрма, а по неколку стотина метри патеката навлегува во тесна козја патека која стрмно се искачува кон тврдината Маркови Кули. Се минува низ остатоците од бедемите и кулите – првиот силен визуелен и историски впечаток на трката. (~2.5 км, 945 мнв).
Првите ~8 км се заеднички со сите дистанци на настанот. Од Маркови Кули патеката продолжува преку врвот Зеленик (993 мнв), покрај месноста Наковална, по вековна и добро изгазена планинарска патека кон мв Црквиште (1060 мнв), каде има чешма и мала освежителна станица.
На 6.2 км од стартот се наоѓа најавантуристичкиот дел од заедничката траса: стрмна гранитна карпа со висина од околу 50 метри, опремена со фиксна сајла за искачување. Овој дел бара целосна концентрација и внимателно движење.
На 8-от километар има раздвојување:
На 8-от километар, тркачите на Маркови Кули Треил 13К се одвојуваат во лево (кон југ) и продолжуваат со спуст во правец на Маркови Кули и Прилеп. Овој сегмент, познат како Заград, е брз и ритмичен, со чести, но благи промени на висината и со идеална подлога од разгазена, мека планинарска сингл патека, што овозможува течно и контролирано трчање.
По повторното приближување кон Маркови Кули, патеката ги заобиколува кулите и продолжува од нивната десна страна, под северо-западните падини на тврдината. Следи благ и континуиран спуст кон населбата Варош и целта во Амфитеатарот - идеален финиш за силен крај на трката.
Трасата се движи помеѓу 690 и околу 1.000 мнв, со доминантен карпест релјеф, кратки но интензивни искачувања и технички спуштања. Иако најкратка по должина, трката бара целосна ангажираност и постојано внимание од старт до цел.
Маркукуле Треил 13К е интензивно планинско доживување кое минува низ простор што со милениуми бил населуван и користен, каде се вкрстувале патишта, се развивале заедници и цветале цивилизации.
Почуствувај го митот – трчај ја легендата со Крали Марко Треилс.




