07.03.2026, САБОТА, 16:00 - 21:00
08.03.2026, НЕДЕЛА, 07:00 - 08:45
АМФИТЕАТАР во Варош, Прилеп
ЛОКАЦИЈА НА ГУГЛ МАПА

Трескавец Треил 23К е класичната планинска трка на Крали Марко Треилс која нуди совршен баланс помеѓу историја, технички терен и долги, трчливи делови. Со должина од околу 23 км и вкупно искачување од приближно 1.300–1.400 м D+, оваа патека го поврзува Прилеп со манастирот Трескавец и карпестиот свет на заштитеното подрачје Маркови Кули.
Локација: Амфитеатар во населба Варош (690 мнв), Прилеп – милениумско маало под тврдината Маркови Кули.
Од стартот се тргнува по угорница по калдрма, а по неколку стотина метри патеката навлегува во тесна козја патека која стрмно се искачува кон тврдината Маркови Кули. Се минува низ остатоците од бедемите и кулите – првиот силен визуелен и историски впечаток на трката. (~2.5 км, 945 мнв).
Првите ~8 км се заеднички со сите дистанци на настанот. Од Маркови Кули патеката продолжува преку врвот Зеленик (993 мнв), покрај месноста Наковална, по вековна и добро изгазена планинарска патека кон мв Црквиште (1060 мнв), каде има чешма и мала освежителна станица.
На 6.2 км од стартот се наоѓа најавантуристичкиот дел од заедничката траса: стрмна гранитна карпа со висина од околу 50 метри, опремена со фиксна сајла за искачување. Овој дел бара целосна концентрација и внимателно движење.
На 8-от километар има раздвојување:
Од Црквиште патеката се надоврзува на вековниот антички пат кој води низ засекот помеѓу Заградските стени и Јави Стени кон манастирот Трескавец. Овој дел претставува најдолгото континуирано искачување на патеката, со околу 600 м позитивна висинска разлика. Последните 700 метри пред манастирот се следи асфалтниот пат.
Манастирот Трескавец (~13.5 км, 1256 мнв) е една од клучните точки на патеката, со целосна освежителна станица и спектакуларен поглед кон Пелагонија. Овде трката достигнува една од своите највисоки точки и нуди краток момент за ресетирање пред техничкиот спуст.
Од манастирот следи долго, техничко и динамично спуштање по стар планински пат кон макадамскиот пат за селото Дабница (~18 км, 742 мнв). Овој дел овозможува брзо трчање, но бара стабилност и внимателност поради каменестиот терен и усеците од вода на патеката.
По краток рамен дел, трасата повторно се искачува по стара козја патека назад кон масивот на Маркови Кули. Следи искачување преку карпата Наковална (900 мнв), по што патеката ги заобиколува Марковите Кули од северо-западната страна.
Во последните ~1.5 км следи благ и брз спуст кон населбата Варош и целта во Амфитеатарот – идеален финиш за силен крај на трката.
Релјефот низ кој се одвива Трескавец Треил 23К се движи од околу 690 мнв до над 1.250 мнв, со доминантни гнајсно-гранитни карпести формации, тесни планински патеки и историски транспортни правци.
Теренот е разновиден, технички на делови, но доволно трчлив за оние што знаат да го дозираат темпото.
Ова не е само трка – ова е средба со историјата, дивата природа и сопствената издржливост.
500м после стартот - качување кон Маркови кули 280m+ во 2км
На 6км - Карпата со сајлата 50м висински
9-13км - Искачување кон Манастир Трескавец 560м+ во 4км
13-17км - Технички спуст кон Дабница 500м-
18км - Искачување од Дабница кон Наковална 200м+ во 1.5км
Маркови Кули - мерење време
Црквиште (над карпата со сајла) - суво овошје, вода, електролити
Црквиште (долу) - мерење време
Манастир Трескавец - мерење време, храна, овошје, вода, електролити
Дабница - мерење време, храна, овошје, вода, електролити, прва помош
Варош (цел) - мерење време, вода, електролити, пиво и гравче, прва помош
—-----------
Почуствувај го митот – трчај ја легендата и стани дел од Крали Марко Треилс.




