



Каде што карпите раскажуваат легенди, а патеките ја чуваат историјата, таму повторно се враќа Крали Марко Треилс. На 7 март 2027 година, во срцето на заштитеното подрачје Маркови Кули кај Прилеп, ќе се одржи 14-тото издание на една од најавтентичните планински трки во регионот – трка што не се мери само во километри, туку во доживувања.
Крали Марко Треилс е повеќе од спортски настан. Тоа е патување низ милениуми историја, карпест свет обликуван од времето и предели кои бараат почит и присуство. Од калдрмите на Варош, преку тврдината Маркови Кули, па сè до манастирот Трескавец и суровите гребени на Единак кон Камена Баба, секоја патека нуди уникатна комбинација од технички терен, трчливи сегменти и спектакуларни погледи кон Пелагонија и планините што ја опкружуваат.
Со четири внимателно дизајнирани дистанци – Маркукуле Треил 13К, Трескавец Треил 23К, Камена Баба Треил 40К и Крали Марко Ултра 63К– трката нуди предизвик за различни профили на тркачи: од оние што го прават својот прв чекор во планинското трчање, до искусни ултра и технички ориентирани натпреварувачи. Сите дистанци делат заеднички почеток, дух и карактер – автентичен, див и искрен.
Крали Марко Треилс е создадена од и за луѓе што ја сакаат планината, движењето и заедницата. Со силен фокус на безбедност, почит кон природата и одржливост, трката расте со секое издание, но го задржува својот изворен дух и локален идентитет.
Ова не е само трка. Ова е средба со сопствените граници, со легендите што сè уште живеат меѓу карпите и со луѓето што ги споделуваат истите вредности.
Почуствувај го митот – трчај ја легендата и стани дел од Крали Марко Треилс 2027.