Камена Баба Треил

КАМЕНА БАБА ТРЕИЛ 40K

старт: 08 МАРТ 2026, 08:00, Прилеп
*****
должина: 40,3 km
искачување: 2,330 m D+
спуштање: 2,330 m D-
временски лимит: 9 h
освежителни станици: 3
*****
Пријавувањето не е отворено.
Детален опис долу.

КОТИЗАЦИЈА

  • Промо (први 20 уплати) - 2,100 ден.;
  • Редовна (до 28.02.2026) - 2,500 ден.
ПРИЈАВИ НАСКОРО

ПОДИГНУВАЊЕ СТАРТНИ ПАКЕТИ

КАМЕНА БАБА ТРЕИЛ
07.03.2026, САБОТА, 16:00 - 21:00
08.03.2026, НЕДЕЛА, 07:00 - 07:45

АМФИТЕАТАР во Варош, Прилеп
ЛОКАЦИЈА НА ГУГЛ МАПА

Детален водич за патеката на Камена Баба Треил 40К

Камена Баба Треил 40К е најдолгата и најпредизвикувачка планинска трка на Крали Марко Треилс. Со должина од околу 40 км и вкупно искачување и спуштање од приближно 2.300 м D+/D-, оваа патека ги поврзува Прилеп, манастирот Трескавец, селото Дабница, ридовите Глајца и Кукул (Камена Баба), како и високите страни на Единак, поминувајќи низ срцето на заштитеното подрачје Маркови Кули.

Стартна точка и први километри

Локација: Амфитеатар во населба Варош (690 мнв), Прилеп – милениумско маало под тврдината Маркови Кули.

Од стартот се тргнува по угорница по калдрма, а по неколку стотина метри патеката навлегува во тесна козја патека која стрмно се искачува кон тврдината Маркови Кули. Се минува низ остатоците од бедемите и кулите, што претставува прв силен визуелен и историски впечаток на трката (~2.5 км, 945 мнв).

Заедничка траса и движење кон Трескавец

Првите ~8 км се заеднички со сите дистанци на настанот. Од Маркови Кули патеката продолжува преку врвот Зеленик (993 мнв), покрај месноста Наковална, по вековна и добро изгазена планинарска патека кон мв Црквиште (1060 мнв), каде има чешма и мала освежителна станица.

На 6.2 км од стартот се наоѓа најавантуристичкиот дел од заедничката траса: стрмна гранитна карпа со висина од околу 50 метри, опремена со фиксна сајла за искачување. Овој дел бара целосна концентрација и внимателно движење.

На 8-от километар има раздвојување, каде тркачите на 40К и 23К продолжуваат право, кон запад и кон манастирот Трескавец.

Кон манастирот Трескавец

Од Црквиште патеката се надоврзува на вековниот антички пат кој води низ засекот помеѓу Заградските стени и Јави Стени кон манастирот Трескавец. Овој дел претставува најдолгото континуирано искачување на патеката, со околу 600 м позитивна висинска разлика. Последните 700 метри пред манастирот се следи асфалтниот пат.

Манастирот Трескавец (~13.5 км, 1256 мнв) е една од клучните точки на трката, со целосна освежителна станица и отворен поглед кон Пелагонија.

Спуштање кон Дабница

Од манастирот следи долго, техничко и динамично спуштање по стар планински пат кон макадамскиот пат за селото Дабница (~18 км, 742 мнв). Овој дел овозможува брзо трчање, но бара стабилност и внимателност поради каменестиот терен и усеците од вода на патеката.

Одвојување од 23К и искачување кон Единак

По Дабница, Камена Баба Треил се одделува од трасата на 23К и продолжува по макадамски пат, а потоа по планинарска патека кон јужните страни на ридот Единак. Овој дел води кон највисоката точка на трката (~22.5 км, околу 1250 мнв), со дополнителни ~520 м позитивна висинска разлика.

Патеката минува под гребенот на Единак, без директно искачување на врвот, но со серија кратки, стрмни и технички делови кои бараат континуирана концентрација.

Глајца и Камена Баба

Средниот дел од патеката е најразновиден и највизуелно впечатлив. Следуваат спирални спуштања и искачувања преку возвишението Глајца (1016 мнв) кон карпестиот рид Кукул, познат како Камена Баба. Овој дел нуди широки панорами кон Пелагонија и околните планини, како и блиски погледи кон карактеристичните карпести форми со препознатливи топоними.

Враќање кон Прилеп

По краток рамен дел, трасата повторно се искачува по стара козја патека назад кон масивот на Маркови Кули. Следи искачување преку карпата Наковална (900 мнв), по што патеката ги заобиколува Марковите Кули од северо-западната страна.

Во последните ~1.5 км следи благ и брз спуст кон населбата Варош и целта во Амфитеатарот – идеален финиш за силен крај на трката.

Висински профил и терен

Релјефот низ кој се одвива Камена Баба Треил 40К се движи од околу 690 мнв до над 1.250 мнв, со изразени гнајсно-гранитни формации, тесни гребенски патеки, стрмни искачувања и долги технички спуштања. Теренот е комплексен и бара добро управување со темпото и енергијата.

Ова не е само трка – ова е долга и длабока средба со пределот, историјата и сопствените граници.

Почуствувај го митот – трчај ја легендата и стани дел од Крали Марко Треилс.

Крали Марко Треилс

Уникатна можност да се следат стапките на Крали Марко векови подоцна, да се истражува и преку планинското трчање да се стане современ херој!
© Здружение ТРЕКС 2023
linkedin facebook pinterest youtube rss twitter instagram facebook-blank rss-blank linkedin-blank pinterest youtube twitter instagram